Скопски економски и финансиски форум

Кругман: Европа ќе го сели производството на Балканот, потребни се логистика и лобирање

30.05.2022 14:55

Инфраструктурата е битен фактор за развој на економијата и за привлекување на инвестициите, порака на светскиот нобеловец Пол Кругман. Генералната оценка за глобалните економски случувања е забавен раст и инфлација која ќе почне да попушта и ќе биде придружена од незначителна рецесија. На економскиот форум во Скопје, премиерот Ковачевски, пак, изјави дека во земјава се очекува стабилизација на цените во втората половина од годинава…

За Пол Кругман, светскиот нобеловец во областа на економијата, транспортното прашање заедно со работната сила и образованието се клучни. Европа ќе го сели производството на Балканот, потребна е и логистика и лобирање за привлекување инвестиции. На глобално ниво, економиите се прегреани, растот ќе забави, сите ќе чувствуваме економска мака и болка. Но, според американскиот професор, анализите не покажуваат вкоренета инфлација, наскоро ќе почне да попушта, а светот нема годинава да ја заврши со рецесија. Економиите постепено ќе се вратат на својата патека, иако вели, тоа тешко се менаџира.

„Изгледите се дека се оддалечуваме од глобализацијата, и иако тоа се јавува како тенденција, сметам дека нема да дојде до целосно затворање на земјитеТрудоинтензивните дејности не очекувам да се вратат во развиените земји, тоа се големи инвестиции, но голема е веројатноста да се преселат поблиску до развиените земји. Сепак, платите во земјите кои се поблиску до развиените се повисоки, но голема е веројатноста да се селат компаниите од Азија во Централна Америка, поблиску до САД. Додека пак, за Европската Унија тие што сакаат поблиску да се до Европа ќе се преселат во земји на Балканот, или во вашиот регион, иако платите тука не се ниски како во Бангладеш, но се пониски од Германија“вели Кругман.

Како да се одржи растот во времињата на неизвесност-преземаме мерки и политики за заштита на животниот стандард, задржување на ликвидноста на фирмите и долгорочна поддршка на растот на производството, рече премиерот Ковачевски кој очекува стабилизирање по втората половина на годинава.

„Ребалансот на Буџетот за 2022 година соодветствува на макроекономските предизвици во време на неизвесностКако соодветна реакција на новите геополитички случувања и нивниот ефект врз глобалната и домашната економија подготвивме навремен и одмерен одговор за најважните прашања и ги приспособивме проекциите на новиот макроекономски контекстДефинирани се поповолни извори за финансирање за одговор на кризата, истовремено внимавајќи на зачувување на фискалната одржливостСо стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на добавување, но и со спроведување на Владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза“, истакна премиерот Ковачевски.

Потребни се подобри услови за фирмите да инвестираат, да креираат нови работни места и иновации-порача потпретседателката на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде.

„Тука во Македонија на пример, ова значи да се загарантира поголема транспарентност и ефикасност на секторот правда, реформи на државната помош и за инвестирање во приватниот сектор, усогласување со цел вештините да одговорат на економиите во 21-ви век“нагласи Бјерде.

Кои се макроекономските предизвици во турбулентните времиња, како да се остане отпорен и конкурентен, како да се зголеми поврзаноста во регионот-на овие теми се дебатира на Скопскиот економски и финансиски форум.

Сузана Фиданска Стоевска