Македонија

„Новинари за човекови права“: Бесплатни менструални производи

30.05.2022 15:21

Субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување од 18 на 5 насто или укинување на ДДВ-то. Барање на невладините по повод неделата за управување со менструалното здравје...

Апстиненцијата од вода е една од причините за алармантно зголемениот број на вагинални и уринарни инфекции кај жените во земјава за дури 70 проценти. Не пијат вода за да немаат потреба од тоалет, оти таму нема соодветни услови за менструална хигиена.

Последното истражување на „Новинари за човекови права“ во однос на менструалната сиромаштија, покажува дека кај нас ништо не е мрднато од пред осум години откако е направена првото истражување, вели Наташа Доковска. 75 проценти од училиштата имаат тоалети кои не се реновирани повеќе од 25 години, најголем проблем има во руралните средини.

Високите цени се причина 29,5 проценти од жените кај нас, да не можат да си дозволат никакви менструални производи. 77 проценти од анкетираните жени и девојки, трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена.

По повод 28-ми мај, денот на менструална хигиена, претставници на Регионалната мрежа за родово буџетирање, Платформата за родова еднаквост, и „Пириод мувмент“ – Скопје, доставија барање до Министерството за финансии да ја следат европската пракса за намалување на ДДВ за менструалните производи за тие да станат подостапни.

Според истражувањата на организациите, на годишно ниво, потребен е помалку од еден процент од Буџетот, за да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од основно и средно образование.

 

Катерина Топалова