Последен ден за пријавување за интервентен фонд
До денеска трае пријавувањето за добивање на субвенции од програмата за интервентен фонд за земјоделството. Предвидена е финансиска поддршка за трошоци за набавка на вештачки ѓубрива и за предадено јагне и гоеници во регистриран кланичен капацитет. За оваа намена се обезбедени 400 милиони денари...

Денеска истекува рокот за поднесување на барањата за финансиска поддршка за трошоците за набавка на вештачки ѓубрива за производство на пченица, јачмен, пченка и на сончоглед. Апликациите се доставуваат во електронскиот систем на Платежната Агенција заедно со финансиските документи за набавеното ѓубриво во периодот од 1-ви декември 2021 година до 31-ви мај 2022 година.
Висината на финансиската поддршка изнесува 2.500 денари по хектар за јачмен и сончоглед, односно 4.000 денари за пченица и пченка.
Исплатата се врши континуирано, еднаш во неделата, по обработката на пристигнатите барања.
Субвенцијата за предадено јагне и заклани гоеници во регистрирани кланици ќе се добива врз основа на податоците кои до Агенцијата ќе ги доставуваат кланични капацитети, без претходно поднесено барање. Висината на финансиската поддршка изнесува 400 денари за предадено јагне во периодот од 1-ви јануари до 31-ви мај годинава.
1.500 денари е износот на субвенцијата за гоеница со тежина над 90 килограми однесена во кланица од 1-ви февруари до 30-ти април 2022 година.
Методија Трајков
