Ракомет

Вардар по вториот Сеха трофеј

11.04.2014 11:17

Македонија има значаен удел, иако на завршниот турнир денеска и в недела ќе биде претставена само од македонскиот шампион и првиот победник на Сеха, Вардар.

Иако опстојува само 3 сезони СЕХА регионалната ракометна лига брзо се етаблира како силно натпреварување на стариот континент. Македонија има значаен удел, иако на завршниот турнир денеска и в недела ќе биде претставена само од македонскиот шампион и првиот победник на Сеха,Вардар.

„Стигнавме до крајот, па сега треба и да ја освоиме лигата“-едногласни се во таборот на македонскиот шампион кој остана забележан во историјата на регионалното натпреварување и како прв победник на фајнл-фор турнирот во Загреб пред две години. Црвено Црните од вчера се во  Нови Сад каде што вечер и внедела се завршните натпревари, оставајќи ги зад себе размислувањата за четвртфиналниот предизвик во Лигата на Шампионите по 10-тина дена соочени со обврската да ја потврдат високата класа и да го одбранат реномето на мак-ракометот во регионални рамки. Мотиви има на претек, најголемиот во пресрет на полуфиналето е реваншот на Загреб за минатосезонскиот пораз во финалето пред своите навивачи.

Ако се следи традицијата тогаш Вардар е на потег откако на првиот фајнл фор турнир во Загреб токму во полуфиналето го совлада тогашниот домаќин и направи своевидна сензација против тогашниот фаворит. Во меѓувреме работите се сменија па сега на Вардар се гледа како на сигурен патник во финалето, иако оваа сезона вардарци на гости загубија со 30-29, но во Кале ја потврдија високата класа со 33-24.Не само поради амбициозниот Загреб, патот до трофејот нема да биде лесен и во евентуалното финале за кое во битка вечер од 20 часот и 30 минути ќе влезат и екипите на Татран и Мешков. Секако недостасува Металург, но завршниот турнир и со овие 4 екипи ќе биде докрај неизвесен.

Неделните натпревари за трето место и финалето, како и денешниот полуфинален дуел меѓу Вардар и Загреб од 18 часот ќе ги гледаме  на македонската телевизија.