Свет

ЕУ: Делумно ембарго за руската нафта

31.05.2022 14:37

Европската Унија ќе воведе нафтено ембарго против Русија, но со значителни ограничувања поради отпорот од Унгарија. Брисел и натаму не се откажува од агендата за максимален притисок врз Москва поради инвазијата во Украина...

Лидерите на ЕУ се договорија, нема да увезуваат седумдесет и пет насто руската нафта. Поради приговорот на Унгарија, забраната се однесува само на горивото што пристигнува по морски пат, но не и преку нафтоводите. Во моментов, 27% од нафтата и 40% од природниот гас на ЕУ доаѓаат од Русија. Блокот ја финансира со околу 400 милијарди евра годишно.

„Две третини од нафтата се од морскиот пат. Една третина е од нафтоводот. Го имаме системот Дружба кој е единствениот за руската нафта. Има и северен дел кој ги снабдува Полска и Германија, како и јужен кој оди кон Унгарија и Словачка. Ова е голем чекор бидејќи се ослободивме од јагленот, а тоа беше тешко. Сега имаме политички договор како постепено да ја елиминираме и нафтата во одредена временска рамка“, Урсула Фон дер Лејен, претседател на Европската комисија.

Според шефот на Европскиот совет Мишел, шестиот пакет санкции значително ќе ги намали изворите на финансирање на руската воена машинерија. Најголемата руска банка „Сбербанк“ излегува од системот СВИФТ за брз меѓународен трансфер на пари. Казнени мерки се воведуваат за уште три руски државни медиуми, како и поединци кои се сметаат за одговорни за воени злосторства во Украина.

Со претходните пет пакети санкции беа опфатени над 1000 поединци, вклучувајќи го и рускиот претседател Путин, врвни владини функционери, олигарси, како и банки, фирми од енергетскиот сектор.

Маја С. Филдишев