Македонија

Граѓаните стравуваат пред најавениот нов бран поскапувања

31.05.2022 15:12

Истекува времената антикризна мерка со која беа намалени, акцизите и данокот на додадена вредност на одредени производи. Граѓаните стравуваат- ако не се продолжи, цените драстично ќе пораснат. Во маркетите рафтовите се празнат...

Од утре треба да престане важноста на антикризните мерки и ограничената маржа за трговците за одредени основни производи. Некои од потрошувачите велат дека пред неколку дена забележале зголемување на цени на одредени производи. Сепак граѓаните како веќе да се навикнаа на постојана промена на цените и затоа веќе не знаат дали некој производ е со повисока или со пониска цена.

Од Државен пазарен инспекторат се постојано на терен. Иако потрошувачите се жалеа за ограничувањата на количините на производите во продавниците, сепак во државниот пазарен инспекторат тврдат – производи има и залихи не се неопходни. За некои производи со покачени цени, велат дека кај нив не стигнале такви пријави. Објаснуваат дека доколку Владата не донесе поинаква одлука не може да се контролира колку трговците ќе ги покачат цените.

Престанува да важи и мерката за бесцарински увоз на суровини за сувомесната индустрија трговците бараа продолжување за уште 6 месеци. Од Владата засега не размислуваат за пролонгирање. Од 5-ти јуни најавија зголемување до 20%.

Собранието во март ги усвои антикризните мерки предложени од Владата со коишто се намали ДДВ на основните производи за исхрана од 5 на 0 насто. 

Ана Ј. Тодоровска