Голем раст на цените на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе Одлука со која изврши усогласување со законските прописи кои ќе бидат во сила од полноќ со што малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 проценти...

Со оглед дека вечерва на полноќ истекува времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе Одлука со која изврши усогласување со законските прописи кои ќе бидат во сила од полноќ со што малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 проценти.
Согласно одлуката на РКЕ, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 9,00 денари за литар, додека на безоловниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 9,50 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 9,00 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 денари за литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС останува иста.
Од полноќ, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 104,00 (денари/литар), моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 106,50 (денари/литар), дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,00 (денари/литар), масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 93,00 (денари/литар) и Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм).
Од Регулаторна нагласуваат дека во денешната пресметка извршена е промена само на акцизите и данокот на додадена вредност, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
