Експерти од Интел ги обучуваат македонските ИТ компании за HTML5
11.04.2014 12:24
Македонија одамна високо котира на регионалната, европската и светската мапа во ИКТ областа. Потврдата за тоа е дадена на бројни меѓународни конференции, семинари, работилници и билатерални средби...

Софтверски компании, членки на ИКТ Комората МАСИТ, како и студенти од техничките факултети при државните универзитети во Македонија денеска ќе се запознаат со најновите тредови за развој на HTML5 апликации, од страна на тренинг експерти од американскиот технолошки гигант Интел, соопштија од Министерството за информатичко општество и администрација.
„Според последните истражувања, во следната деценија светот ќе создаде милијарда нови потрошувачи. ИТ компаниите со голема брзина работат на промените кои се неопходни. Оттаму, велат дека ќе има недоволно човечки ресурси кои ќе го следат развојот на технологијата. Тоа е шанса за сите вас. Вашите идеи, вашиот труд и работа, може да бидат исплатливи“, порача министерот Иво Ивановски, за време на отворањето на настанот.
Тој додаде дека поддршката и логистиката од македонската влада и надлежните институции во оваа сфера е мошне силна, а со цел да се изгради информатички образована нација.
„Македонија има голем потенцијал во информатичко-комуникациската област, Македонија инвестира во младите генерации кои имаат афинитет и способности да се занимаваат и да творат во оваа област. Од година во година сме се поуспешни, а тоа го покажуваат резултатите кои секојдневно се постигнуваат во сите сегменти на општествениот развој на овој план. Македонија одамна високо котира на регионалната, европската и светската мапа во ИКТ областа. Потврдата за тоа е дадена на бројни меѓународни конференции, семинари, работилници и билатерални средби“, додаде Ивановски.
Обуката опфаќа и натпревар за развој на HTML5 апликација во група до пет програмери, со можност за поддршка од Интел експерти. Најдобрите три апликации ќе бидат прогласени на 30 мај и истите ќе добијат награди од Интел.
