Бензема е играч на сезоната во ЛШ

31.05.2022 18:20

Во елиминациската фаза постигна 10 гола, со што го израмни рекордот на Кристијано Роналдо и дојде до 15 во сезоната како прв стрелец севкупно.

УЕФА ја спушти завесата на сезоната 2021-22 со прогласување на најдобрите во Лигата на шампионите. Очекувано, играч на сезоната е Карим Бензема. Францускиот напаѓач на Реал Мадрид ја одбележа европската пролет како главен инспиратор на кралскиот клуб во походот кон пехарот. Во елиминациската фаза постигна 10 гола, со што го израмни рекордот на Кристијано Роналдо и дојде до 15 во сезоната како прв стрелец севкупно.

Затоа сосема оправдано е неговото признание за најдобар во Лигата на шампионите и за предводник на тимот на сезоната. Во него има уште тројца играчи на Реал Мадрид, во прв ред Винисиус Жуниор, кој истовремено е прогласен и за најдобар млад фудбалер, Тибо Куртоа, кој има признание за прв меѓу голманите, како и Лука Модриќ. Четири играчи доаѓаат и од Ливерпул, дефанзивците Ван Дајк, Робертсон и Александер Арнолд и Фабињо во средниот ред. Идеалната единаесетка ја дополнуваат Ридигер од Челси, Кевин де Брујне од Манчестер сити и Мбапе од ПСЖ.