Криза

Од денеска драстично повисоки цени

01.06.2022 12:09

Нов ценовен шок. Горивата поскапеа за околу 10 денари. За прв пат бензините ја надминаа 100-ката, бидејќи ДДВ-то од 10 се врати на 18 проценти. Од денеска и данокот за основните прехранбени производи од нула се враќа на 5 до 15 проценти. На полиците нови, повисоки цени...

Прекинува важноста на антикризните мерки кои Владата ги донесе како одговор на енергетската криза. ДДВ-то на храната се враќа на 5, а на горивата за 18 проценти.

Нема повеќе ограничување на маржите на основните продукти. Граѓаните се жалат дека за купената храна платиле повеќе, а наишле на повисоки цени и на овошјето и зеленчукот. Промените велат најмногу се забележуваат кај основните продукти без разлика дали пазарите во маркет или на пазар. Некои пак реагираат дека цените се покачени, уште пред да прекине важноста на мерките.

Дел од пазарџиите со кои разговаравме засега не размислуваат да ја зголемат цената на овошјето и зеленчукот, но со оглед на кризата велат дека тоа ќе биде неминовно.

Мерката нема да продолжи бидејќи може негативно да влијае врз работата на компаниите од преработувачката индустрија и трговската дејност став на Министерството за економија. Од народна банка пак смируваат дека ценовниот шок нема да бие драстичен. Од полноќ поскапени се и горивата.

Викторија Милевска