Македонија

МКЦ: Тридневна магија со сенки на „Сонот на облачето“

01.06.2022 14:00

Фестивалот ќе биде отворен во понеделник на 6-ти јуни во 19:00 часот со промоцијата на креативниот сет „Театарче за игра со сенки“, а веднаш потоа на сцената Фросина од 19:30 часот ќе се претстави театарот од Италија Unterwasser со претставата „Лавиринт“. Уникатна мултимедијална претстава без текст и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно...

Скопје повторно ќе дише во духот на „Сонот на облачето“ од 6-ти до 8-ми јуни во МКЦ. Овој интернационален детски фестивал на театар на сенки годинава ќе го доживее своето 9-то издание и е единствената можност кога децата можат да погледнат меѓународни претстави со сенки.

Фестивалот ќе биде отворен во понеделник на 6-ти јуни во 19:00 часот со промоцијата на креативниот сет „Театарче за игра со сенки“, а веднаш потоа на сцената Фросина од 19:30 часот ќе се претстави театарот од Италија Unterwasser со претставата „Лавиринт“. Уникатна мултимедијална претстава без текст и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно. „Лавиринт“ е приказна за погледот на светот низ очите на една жена, а сцени од нејзиниот живот се појавуваат како лирски фрагменти – визуелни поеми кои фрлаат светло на разни нејзини чувства и спомени.

Во продолжение на фестивалското издание, на 7-ми јуни, со почеток во 18:00 часот, најпрво ќе се одржи работилницата „Заробени реки“ под водство на Доротеј Нешовски каде преку мозаична игра со фолија во боја, со помош на светло и сенки децата ќе раскажат една поинаква приказна за зачувувањето на животната средина, со фокус на водата и реките. А веднаш потоа, со почеток од 19:30 часот по втор пат во Скопје гостува театарот Le Studio од Србија, овој пат со нивната најнова претстава „Заборавените принцези“. Денот ќе биде заокружен со изведбата на ликвид перформансот „Флудо“ на плато МКЦ во 20:15 часот од страна на Театар „Сенки и облаци“. Приказна раскажана преку интересна техника со многу вода, боја и масло на платно и текст на Д. А. Лори.

Последната фестивалска вечер на 8-ми јуни ќе започне во 18:00 часот со работилницата на Караѓоз мајсторот Џемал Фатих Полат од Турција, каде децата ќе имаат уникатна можност да ги применат традиционалните техники за изработка на Караѓоз кукли за сенки стари над 650 години. Фестивалската вечер ќе биде заокружена со премиерната изведба на претставата „Колку е часот“ во 19:00 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар „Сенки и облаци“.

Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“, кој со поддршка од Министерството за култура на С.Р.М., Градот Скопје, МКЦ, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Амбасадата на Италија во Скопје, Српскиот културно информативен ценатр СПОНА и Институтот „Јунус Емре“ во Скопје ќе ѝ овозможат на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.