Охрид

Развојот на вештачката интелигенција предизвик за човештвото

03.06.2022 12:02

„Духот на електронската ламба“-од вакуумски цевки до дигитална свест, развојот на компјутерските процесори и раѓањето на вештачката интелигенција е насловот на интерактивните предавања на професорот од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид. За посетителите тој подготви мултимедијална изложба со помош на проширена реалност. Сефиданис вели дека во иднина вештачката интелигенција целосно ќе завладее со уште повеќе сфери во нашето живеење поради што човекот мора да е подготвен за успешно да ја контролира...

Ќе завладее ли вештачката интелигенција со човештвото како што веќе сме виделе во некои научно-фантастични филмови или пак ќе дојде до некој вид вкрстување за да се избегне каква било апокалипса е прашањето кое се наметнува по предавањата на професорот Анис Сефиданис. Како што вели тој моќта на компјутерите и сложеноста на интегрираните кола ќе се удвојуваат на секои две години, а во моментов бројот на транзистори кај современите компјутерски архитектури веќе го надмина бројот на неврони во човечкиот мозок.

„Човекот е битие со ограничена рационалност и компјутерските системи конкретно системите базирани на машинска интелигенција овозможуваат да се зголемат когнитивните капацитети и способности кај човекот кога се зборува за носење на одлуки од рационален карактер“, изјави д-р Анис Сефиданис-Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид.

Учесниците на предавањата покрај тоа што ќе можат да ја видат уникатната колекција на Сефиданис од најраните претставници на ИБМ, ќе можат да го посетат и неговиот Институт за експоненцијални технологии каде што е лоциран првиот суперкомпјутер од овој тип во регионот на американската компанија НВИДИА.

„На супер компјутерот се наоѓаат процесори со Паскал архитектура на последната технологија на НВИДИА крстена како „Тесла“ и моментално јас заедно со тимот го користам за креирање на модели за вештачка интелигенција“, изјави д-р Анис Сефиданис-Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид.

Вештачката интелигенција може да биде опасна кога ќе стане експоненцијална бидејќи ќе се развива со неконтролирани брзини, вели Сефиданис, при што посочува дека човекот треба да е подготвен да одговори на предизвиците на вештачката интелигенција.

Сашо Нелоски