Македонските одбојкари ја пречекуваат Албанија во третото коло од Европската сребрена лига (МРТ-3, 20 часот)
Параметрите се во една насока, но секоја улога треба да се одработи и да се потврди...

Во споредбата на македонската и на албанската репрезентација сите бројки се на наша страна, но сепак, за втора радост во годинашната Европската сребрена лига, нема дилеми дека е потребно целосно внимание. Во одбојката тоа подразбира битка за секој поен и концентрација за да се ограничи најсилното оружје на противникот. Коректорот Ќафарена и примачот Бакири се најголема закана за црвено-жолтите, но логиката вели дека ќе нема надеж за Албанците доколку Македонија одигра на посакуваниото ниво.
„На овој натпревар влегуваме мотивирани, со очекувања за победа и денеска и на гостувањето во Тирана. Според мене, тоа ќе бидат двата клучни натпревара за пласманот на завршниот турнир“, вели македонскиот примач Владо Милев.
За нас повторно приемот ќе биде клучиот елемент. Го немаме првото либеро Костадин Ричлиев, па Васе Михаилов и Ангел Бошков ќе треба да одиграат значајна улога, веројатно едниот за стабилноста на нашата игра, а другиот за одбраната в поле. Ако притиснеме со сервис како против Босна и Херцеговина пред една недела, а значително ги намалиме грешките коишто на Романците им подарија речиси половина поени во првите два сета во Галаци, Македонија ќе биде блиску до втората победа во третиот годинашен, вкупно 57-ми натпревар во евролигата на којшто ќе играме за 40-тиот триумф.
„Отворивме добро на првиот натпревар со Босна, како што посакувавме и како што очекував јас. Против Романија, исто така, одигравме релативно добар натпревар, не можеме да бидеме незадоволни иако резултатот не беше во наша полза. Но одигравме добро и ја кренавме самодовербата“, заклучува Милев.
Албанија претрпе два пораза, но ниту еден не беше на нула. Фактот што денеска ќе има проблеми на позицијата техничар нам ни оди во прилог, но не е на одмет да се потсети дека ривалот доби една од двете контроли во Маврово пред половина месец. Претходно, во официјалните средби ние не кикснавме со нив. Имаме 4-0 биланс во Европската лига, а славевме и на еден меч во квалификациите. Во Скопје сет-количникот е 9-0 за Македонија.
„Очекуваме да ги стопираме нивниот коректор и примач и очекуваме лесна победа од 3-0“, убеден е дебитантот во националниот македонски состав Ангел Бошков.
Звучи едноставно, но треба да се одработи. Како, ќе видиме во преносот на МРТ-3, денеска од 20 часот.
