Македонија

Потребен е поголем број на згрижувачки семејства

01.06.2022 20:08

Во земјава има околу 350 згрижувачи, коишто се грижат за над 500 деца и млади. На 1-ви јуни, кога се одбележува нивниот ден, почна кампањата којашто има цел да го зголеми бројот на згрижувачки семејства.

Националната кампања „Подај рака и промени живот - стани згрижувач!“ која има за цел да поттикне што поголем број граѓани да станат згрижувачи на деца без родителска грижа стартуваше денеска, со настан што се одржа на плоштадот „Македонија“.

„На овој ден, кога ги одбележуваме Меѓународниот ден на децата и Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, 1 Јуни, имаме заедничка, крајно хумана цел. Да се заблагодариме на сите семејства кои се веќе вклучени во системот на згрижувачки семејства и кои покажуваат најголема човечка доблест својата љубов и внимание да им ја подарат на нашите најмали и да им помогнат да зачекорат во животот со безрезервна поддршка за сите предизвици што ќе ги очекуваат. Хуманата мисија на овие луѓе е непроценлива за оние на кои им е најпотребна нашата помош, но и за целото наше општество кое тежнее да биде похумано“, истакна градоначалничката Арсовска во своето обраќање пред присутните.

Таа додаде дека Градот Скопје се вклучи во проектот „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите во системот за заштита на децата“ што го реализира СОС Детското село.

Со кампањата „Подај рака, промени живот - стани згрижувач“ се очекува да се зголеми свесноста за згрижување деца без родителска грижа и да се зголеми бројот на потенцијални згрижувачи, а во исто време да се креира достапна мрежа на згрижувачки/роднински семејства низ целата територија на државата.