Фудбал, Лига на шампионите, 1/2-финале

УЕФА: Куртоа може да игра против Челзи

11.04.2014 14:00

УЕФА објави дека според нејзината регулатива голманот на Атлетико Мадрид Тибо Куртоа е слободен да игра против клубот од којшто е позајмен Челзи, во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите.

УЕФА објави дека според нејзината регулатива голманот на Атлетико Мадрид Тибо Куртоа е слободен да игра против клубот од којшто е позајмен Челзи, во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите.

Двата клуба претходно договориле сума од околу шест милиони евра, којашто Атлетико треба да му ја плати на лондонскиот клуб, за белгискиот репрезентативец да може да брани ако на двата клуба им се вкрстат патиштата. Сепак, УЕФА најави дека ќе почне дисциплинска постапка против Челзи, ако се обиде да ја активира таквата одредба од договорот за заем на Куртоа.

Со соопштение УЕФА се обидува да ја разјасни ситуацијата, потенцирајќи дека такви приватни договори немат важност за Лигата на шампионите.

„И Лигата на шампионите и дисциплинскиот правилник на УЕФА содржат јасни одредби коишто на секој клуб стриктно му забрануваат да врши какво било влијание врз играчите, во однос на тоа дали тие можат да играат за друг клуб на одреден натпревар.

Тоа значи дека секоја одредба во приватен договор меѓу клубовите во однос на тоа кого тие смеат или не смеат да користат на еден натпревар, е непостоечка, ништовна и нема никаква важност кога станува збор за УЕФА.

Секој обид за примена на ваква одредба ќе биде јасно прекршување на правилата на Лигата на шампионите и на дисциплинскиот правилник на УЕФА и поради тоа ќе биде соодветно санкциониран“, стои во соопштението на УЕФА.

Сето ова не значи и дека Тибо Куртоа дефинитивно ќе биде на голот на Атлетико на полуфиналниот двомеч со Челзи, бидејќи мадридскиот клуб може самиот да реши џентлменски да го почитува договорот со ривалот од Лондон. Разјаснувањето значи само тоа дека секој обид на Челзи да го стопира голманот да брани за Атлетико УЕФА ќе го санкционира.