Македонија

Атлетски викенд „Охрид трчат“

02.06.2022 14:36

Викендот што е пред нас, во Охрид ќе помине во знакот на спортската манифестација „Охрид трчат“. Како што велат организаторите во текот на неколкуте трки низ градот и долж крајбрежјето илјада и тристотините натпреварувачи и рекреативци и овој пат ќе трчаат по една од најубавите патеки во светот. Тоа ќе придонесе за афирмација на трчањето како спортска дисциплина, но и на Охрид како спортски и туристички центар...

Охрид во изминатите неколку години, Охрид стана препознатлив во регионот и светот и по атлетскиот викенд „Охрид трчат“, којшто годинава ќе го има своето 6-то издание. За високото реноме кое манифестацијата го изгради за кус период, говори и бројката од над 1.300 учесници од 18 држави, кои во текот на викендот што е пред нас ќе трчаат низ охридските улици и долж крајбрежјето.

„Убеден сум дека и овогодишното издание на „Охрид трчат“ ќе биде уште еден вистински спортски спектакл, којшто ќе испрати една силна порака како поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики. Јас како градоначалник, ќе бидам секогаш подготвен за соработка и за поддршка на ваквите настани кои се одржуваат надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес за една поголема промоција на Охрид, како туристичка дестинација“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Манифестацијата, со единствен концепт во регионот и пошироко, започнува во петок со атрактивната ноќна трка низ охридските улици, додека главниот настан ќе се одржи во недела наутро.

„Во 8:30 стартува трката на 21 километар и штафетната полумаратонска трка. Во 8:35 минути стартува рекреативната трка, таа е за 5 километри. На полумаратонот и штафетниот полумаратон имаме вкупно 330 учесници, на трката на 5 километри имаме 980 учесници“, информираше Иван Цветкоски, еден од организаторите на „Охрид трчат“.

Во рамките на атлетскиот викенд ќе се одржи и панел-дискусија за афирмацијата на трчањето посветена на детската атлетика на која учество ќе земат познати атлетски стручњаци од регионот.

Сашо Нелоски