Македонско-Бугарски спор

Петков: Нема да преземеме никакви чекори за укинување на ветото без одлуката на Собранието

02.06.2022 14:40

Нема да преземеме никакви чекори за укинување на ветото без одлука на Народното Собрание-категоричен е бугарскиот премиер Петков. Вели дека не е запознаен со предлогот на Макрон. Претседателот Радев демантираше дека планира да замине во Париз на средба со францускиот претседател, на која според информации од бугарски медиуми требало да се разговара за македонските евроинтеграции...

Нема да преземеме никакви чекори за укинување на ветото за Македонија без одлука на Собранието, изјави за бугарските медиуми премиерот Петков. Вели дека не е запознаен со предлогот на Макрон, кој според информациите од Софија планирал средба со претседателот Радев и премиерот Петков за македонските евроинтеграции и дека наводно предлогот бил бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка.

„Ние секогаш сме отворени и подготвени за разговори со нашите европски партнери, ако имаат некакви предлози кои се реални. Но, пак ќе кажам, тие треба да се според рамковната позиција на Бугарија и што и да се направи, дури и да треба да се потврди рамковната позиција на Бугарија, јас тоа ќе го претставам пред бугарскиот Парламент“, изјави Кирил Петков, премиер На Бугарија.

Бугарските медиуми шпекулираат со три теоретски можни сценарија во врска со ветото за Македонија-вградување на бугарските услови во преговарачката рамка, откажување од сегашната позиција и замена со временски и просторно одложени очекувања или задржување на актуелната бугарска позиција. Претседателот Радев демантираше дека ќе оди во Париз на средба со францускиот претседател Макрон, бидејќи како што рече нема конкретни резултати од дијалогот со Скопје. За изјавите на Петков дека секое решение треба да го потврди Собранието, Радев категоричен-последниот збор го има народот, без конкретно да прецизира дали тоа значи референдум.

Милчо Велески