Македонија

Нелегална сеча ја пустоши Јабланица

02.06.2022 14:57

Нелегална сеча ја пустоши планината Јабланица. Шеесетина камиони натоварени со огревно дрво дневно минуваат низ струшкото село Вишни. Иста е состојбата и во соседно Радолиште. Жителите преку собир бараат надлежните да прогласат мораториум за сеча...

Жителите на струшките села Вишни и Радолишта го кренаа гласот против неконтролираната сеча на Јабланица. Обвинуваат за пустошење на шумите и голесеци од страна на концесионери без дозволи и приватни лица.

Велат шеесетина камиони деноноќно ја соголуваат шумат. Мештаните стравуваат дека ќе останат без вода за пиење бидејќи има намалување на водостојот во Вишенските извори и оштетување на локалните патишта.

„Дневно околу 60 камиони поминуваат овде натоварени со огревно дрво. Досега не се преземаат никакви активности и покрај нашите барања, а сме се обратиле до сите надлежни органи“, вели Цветозар Ристески претседател на МЗ Вишни.

Обвинуваат дека се вадат дозволи за сеча на приватни лица од кои поголемиот дел се починати и бараат да се воспостави мораториум за сеча на Јабланица.

„Се вади дозвола за сеча на приватни лица којшто се поголем дел починати и со истите те дозволи се изнесува друго огревно дрво од државни парцели“, вели Никола Кутаноски.

Со децении нелегална сеча има и во соседното село Радолишта.

„Веќе 10 години се бориме со овој проблем и не можеме никако да се избориме тоа по мое мислење е организиран криминал“, вели Џевдет Даути-претседател на МЗ Радолишта.

Жителите повеќе пати ја информирале шумската полиција и инспекторат да преземат мерки за сопирање на нелегалната сеча на Јабланица.

Соња Рилковска