Почнат увидот за утврдување на причините за пожарот во Тетово
Започна увидот во тетовската фабрика „Пофикс“, која во понеделникот ја зафати катастрофален пожар. Ќе се прибираат докази од изгорените хали, истрагата ќе биде специфична и покомплексна,оти се работи за голем пожар на голема површина, велат од Јавното обвинителство Тетово. Општина Тетово пак со критики до Владата, за немањето на доволно соработка при вакви катастрофи...

Обвинителството влезе во фабриката која во понеделникот ја зафати голем пожар. Експертизата започна од 10 часот.
Но, според состојбата на терен каде има илјадници тони отпаден материјал, на површина од над 7000 метри квадратни, увидот може да трае и со денови, брифираат од Јавното обвинителство Тетово.
Дадени се наредби на експерти од повеќе области при ОКТИВ на МВР, да почнат со утврдувањето од каде и како започнал пожарот.
По увидот, следува транспорт на изгорениот материјал од зафатените хали од пламените јазици.
Градоначалникот Касами вели дека општината нема капацитет да се справи со големи катастрофи, како пожарот во фабриката. За вакви ситуации потребна е помош и соработка од Владата, која недостасува.
На последниот состанок на кризниот штаб на Општина Тетово, упатено е и писмено барање до Владата за помош во опрема и средства за тетовските пожарникари, возила и механизација за справување со катастрофи, но досега велат градските власти, немаат добиено никаков одговор.
Зоран Димовски
