Вашингтон

Стратешки дијалог меѓу Македонија и САД

02.06.2022 17:46

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, го отворија стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој денеска се одржува во просториите на Стејт Департментот во Вашингтон...

Земјава станува предводник на регионалната соработка на Балканот- со панел посветен на регионалните инцијативи отворен првиот стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД во Вашингтон. Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи истакна дека дијалогот претставува ново поглавје во меѓусебните односи кое ќе го унапреди стратешкото партнерство и ќе постави рамка за натамошно унапредување на билатералната соработка. Османи го нагласи активното учество на земјава во голем број регионални иницијативи, потенцирајќи дека не претставуваат замена за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, туку ги потпомагаат и забрзуваат нивните евроинтегративни процеси.

„Северна Македонија како иницијатор на И8 и Б6 е земја предводник на регионалните иницијативи со визија за забрзување на реформските процеси, зајакнување на економската интеграција и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Ваквиот пристап е особено значаен за надминување на разликите меѓу земјите од регионот и нивно што поскоро интегрирање во ЕУ. Особено сме благодарни на САД за нивната континуирана и недвосмислена поддршка на нашите заложби во оваа насока“, нагласи шефот на дипломатијата, Османи.

Беа поздравени постигнувањата на Северна Македонија во рамки на евроинтегративните процеси и беше упатена порака за што поскоро започнување на пристапните преговори со ЕУ. Високо на агендата и нашето претседавање со ОБСЕ наредната година.

На сесијата станало збор и за актуелните безбедносни состојби. Била упатена заедничка осуда за руската воена инвазија, како и поддршка на Украина и украинскиот народ.

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора стратешки дијалог со САД. Шефот на дипломатијата Османи е придружуван од владината делегација во чиј состав се министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

 

Бојана Крстевски