Македонија

Средба во Владата, синдикалците најавуваат штрајк

02.06.2022 17:58

Раководството на Сојузот на синдикати на Македонија е во Владата. Според информациите, синдикалците треба да се сретнат со министерот за финансии Фатмир Бесими, и со другите членови на Владата. Целта на средбата ќе биде Синдикатот да се откаже од утрешната седница на претседателството на која треба да се донесе одлука за генерален штрајк во јавниот сектор и администрацијата.

Претставници на Сојузот на синдикати на Македонија попладнево се на средба во Владата на која се очекува да се разговара за нивното барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.

Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за ова нивно барање како што им било ветено за време на преговорите.

За утре се закажани и седници на Претседателството и Советот на ССМ, како највисоки тела на синдикатот, на кои треба да се разгледа предлогот за отпочнување на генерален штрајк.

ССМ, на чија иницијатива недела е прогласен за неработен ден, не се согласува ниту со најновите Предлог-законски измени со кои се предлага недела да биде работен ден во туристичките места.