Поставени основи за соработка меѓу Македонија и САД
По првиот состанок на стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија поставени основите за подлабока соработка и координација меѓу двете држави. САД ќе продолжат да ги поддржуваат соработката во демократијата, енергетиката и регионалните иницијативи, како и евроинтеграцијата на земјава во ЕУ...

Со стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија се продлабочуваат билатералните односи и партнерството меѓу двете држави. По првиот состанок во Вашингтон направен е исчекор во билатералната соработка како сојузници во НАТО и поконкретно се врамува билатералната соработка.
„Стратешкиот дијалог ќе ја продлабочи соработката и координацијата меѓу САД и Северна Македонија. Ја цениме големата ангажираност на Северна Македонија во областите на демократијата, енергијата, регионалните иницијативи, што се еднакво важни и кои силно ги поддржуваме. Истовремено силно ги поддржуваме амбициите за евроинтегративниот процес, што сакаме да се придвижи напред и што ќе го поддржуваме колку што можеме“, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.
На средбата било разговарано за актуелните безбедносни состојби, при заеднички е осудена руската инвазија и силната поддршка на Украина. Воедно било нагласено дека актуелните состојби налагаат нова динамика за евроинтеграцијата на земјите од регионот.
„Процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносно прашање, а европските перспективи на земјите од западниот Балкан, и кредибилитетот на овој процес, од суштинска важност за регионалната и европската стабилност. Благодарни сме за силната американска поддршка за што поскоро започнување на процесот на преговори на Северна Македонија, што во моментов претставува и најдобриот начин да се зачува кредибилитетот на овие процеси“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Шефот на дипломатија оцени дека стратешкиот дијалог со САД е подигнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, што е еден од најважните столбови за долгорочна стабилност и демократска и цивилизациска надградба на земјава.
Ирина Гелевска
