Висока аерозагаденост, се бара изворот
Кумановци последниве денови се гушат во непријатна миризба и чад. Мерните станици на општината покажува висока загаденост. Акредитираната на Министерството за животна средина, не функционира. Поради енормното загадување известен е и Државниот инспекторат за животна средина. Дел од граѓаните се сомневаат дека се работи за прекугранично загадување...

Висока е загаденоста на воздухот во Куманово. Мерните станици, но и анализата на терен на инспекторите за животна средина покажа енормно покачување на јаглерод моноксид од 60 до 70 милиграми на метар кубен и азот диоксид околу 170. Кумановци реагираат на непријатна миризба и чад, и печење на очите. Загадувањето особено во населбите и пониските делови на градот, почнува во попладневните часови. Велат деновиве отежнато се дише.
Наутро и навечер се појавува миризба, јас сум во долниот дел на градот-вели еден граѓанин.
Се чувствува миризба на гума на палење, печење на очите-додава друг.
Хронично болните тоа најмногу го чувствуваат. За нив е најтешко, за дишните патиша-нагласува трет.
По реакциите на терен излегоа инспекторите за животна средина при Општина Куманово. Велат работат на случајот, а веќе е известен и Државниот инспекторат за животна средина.
Иста ваква состојба имавме пред три години кога исто наши сограѓани реагираа и потоа се јавија дека една наша соседна држава има инсталација која произведува дали е тоа вар или произведува некакви полимерни производи, се шири непријатна миризба, првин започнува таму, тоа се наши сограѓани кои живеат во тој граничен дел и работат таму, и како и сега што посочуваат најпрвин миризбата започнува таму и потоа се шири, кон градот-нагласи Бобан Бојковски, овластен инспектор за животна средина.
Инспекторите укажуваат дека се чекаат резултатите од Државниот инспекторат за животна средина, бидејќи тие се надлежни во случај на прекугранично загадување. Најголемата општина во земјава со години е на листата со градови со најзагаден воздух, обично во текот на зимата. Општата болница која се сметаше за најголем загадувач бидејќи користеше мазут, од неодамна се затоплува на гас. Во моментов функционираат само мерните станици кои што неодамна ги постави општината, но не и акредитираната на Министерството за животна средина.
Елена Георгиевска
