Отворен ден на УКИМ- претставени студиските програми
Беа организирани разновидни презентации на активностите и проектите на професорите и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот – монографии, учебници, преводи и научни списанија...

Во рамки на отворениот ден, факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги претставија програмите за додипломски, постдипломски и за докторски студии.
Беа организирани разновидни презентации на активностите и проектите на професорите и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот – монографии, учебници, преводи и научни списанија.
Ректорот Велимир Стојковски очекува и во следната академска година да биде голем интересот за студии на најстарата и вторпат најдобро рангирана високообразовна институција во Македонија.
„По тоа што е најстар во Република Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има најдобро развиена мрежа за меѓународна соработка, така што покрај квалитетното образование и препознатливоста на нашата диплома на европскиот пазар на трудот, нуди и огромна можност за размена на студенти во сите програми на мобилност на Европската унија“, истакна Стојковски.
Министерот за образование, Спиро Ристовски изјави дека на крајот на овој месец треба да бидат дефинирани квотите за упис на студентите.
„Согласно со анализите, околу 15.000 новозапишани студенти добива УКИМ секоја година. Тука се и студентите кои сакаат да магистрираат или да докторираат на овој државен универзитет, кој е најдобро рангираниот во Република Македонија според Шангајскиот институт. Верувам дека и на овие уписи интересот ќе биде голем“, рече Ристовски.
