Воен конфликт

Зеленски: 100 дена ја браниме Украина, победата ќе биде наша

03.06.2022 14:06

Се засилуваат борбите, неизвесна иднината на истокот на Украина. Киев вели – се води дефанзивна војна. Руската пацифичка флота почна големи поморски вежби. Москва со песимистички прогнози за политичкото решение на конфликтот...

Стоти ден од руско-украинскиот конфликт. Се засилуваат вооружените битките на терен. И натаму неизвесна иднината на истокот на Украина. Киев порача – водиме исклучително дефанзивна војна и не планираме да користиме американско оружје за напад врз непријателската територија.

„Нашиот тим е многу поголем. Украинските сили се овде. Најважно од се, народот е тука. Веќе 100 дена ја браниме Украина. Победата ќе биде наша. Слава ѝ на Украина, слава им на нашите херои“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Како и да ја нарекуваат оваа борбена активност, специјална операција, дефанзивна, офанзивна, таа е војна. Беше војна, умираа луѓе, се уништуваа згради, се уништи градот кој некогаш беше среќен“.

Во меѓувреме, руската пацифичка флота започна големи поморски вежби кои ќе траат до 10-ти јуни.

Оперативно-тактичката, воената и беспилотната авијација погодија 37 области со украински екипи и опрема. Во нападите се елиминирани над 360 националисти и 49 парчиња оружје и воена опрема, вклучувајќи и радарска станица во Словјанск, Доњецка Народна Република“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Шестиот пакет санкции за Москва од ЕУ влегува во сила. Воведено е ембарго на извозот на руската нафта во блокот. „Сбербанк“ излегува од системот СВИФТ. Во ЕУ нема да се емитуваат уште три руски државни медиуми.

На инсистирање на Унгарија, од списокот со санкционирани лица е изоставен поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил. Казнени мерки за руски владини претставници од САД.

Москва со песимистички прогнози за политичкото решение на конфликтот.

„Киев претходно покажа во волја за договор околу клучните прашања, но под влијание на Вашингтон и Брисел, тие преговори се запрени“, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.

 

Маја С. Филдишев