Нови пукотници во САД, жртви во Ајова, повредени во Висконсин
Нови пукотници во САД, маж застрелал неколку лица пред црква во сојузната држава Ајова. Ранети и во инцидент на погреб во Висконсин. Американскиот претседател Џо Бајден побара построги закони за оружје по масовните убиства во САД...

Маж застрела две жени на паркинг пред црква во сојузната држава Ајова, по што се самоуби. Инцидентот е последен во серијата пукотници што деновиве ги потресоа САД. Се случил пред фундаменталистичка христијанска црква, за време на верски обред.
„Човекот рече дека сведочел како вооружениот напаѓач излегол од автомобилот и почнал да пука. Тој беше очевидец. Застрела друга девојка додека таа се оддалечуваше, а потоа се застрела“, изјави член на црквата.
Надлежните на местото на инцидентот ги пронашле тројцата мртви. Според нив најверојатно се работи за изолиран инцидент со еден напаѓач.
Претходно Бајден побара од конгресот да го забрани офанзивното оружје, да се прошират проверките на лицата што поседуваат оружје, и да спроведе други мерки за контрола на оружјето.
„Треба да одвоиме време да направиме нешто, а овој пат време е сенатот да направи нешто. Но, како што знаеме, за да се направи било што да се заврши во Сенатот, потребни ни се минимум 10 републиканци, сенатори. Ги поддржувам двопартиските напори кои вклучуваат мала група демократи и републикански сенатори кои се обидуваат да најдат начин“, Џо Бајден, претседател на САД.
Бајден зборуваше по минатонеделните пукотници од 18-годишен напаѓач, кој уби 19 ученици и двајца наставници во основно училиште во Увалде, Тексас.
„Го посетивме Увалде, Тексас. Пред основното училиште. Стоевме пред 21 крст за 19-те трето и четврто одделенци и двајца учители. Стоејќи таму во тој мал град, како и многу други заедници низ Америка, не можев а да не помислам дека има премногу други училишта, премногу други секојдневни места кои станаа убиствени полиња бојни полиња овде во Америка“, рече Џо Бајден, претседател на САД.
Во меѓувреме, уште една пукотница се случи на погреб во Висконсин, при што биле ранети две лица. Во изминатите седмици во САД загинаа десет афроамериканци во северниот дел на Њујорк, 19 деца и двајца учители во Тексас и двајца лекари, шалтерски работник и пациент во болница во Оклахома.
Марина Ристова
