Култура

Почнува театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“

03.06.2022 15:14

Носители на наградите за животно дело годинава се актерката Бедија Беговска- доајен на Турскиот театар и драмскиот писател Русомир Богдановски.

Од вечерва до 9-ти јуни во Прилеп ќе се одржува 56-тото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонски народен театар од Скопје, а вечерва по традиција ќе бидат доделени и наградите за животно дело.

Носители на наградите за животно дело годинава се актерката Бедија Беговска- доајен на Турскиот театар и драмскиот писател Русомир Богдановски.

На 56-тото издание во конкуренција за награди се вкупно осум претстави: „Моето име е Горан Стефановски“ на Драмски театар од Скопје, „Декамерон“ на Прилепскиот театар, „Јазли“ на Албански театар, „Бракот на Марија Браум“ на Струмичкиот театар, „Вишновата градина“ на Турски театар, „Клеветата на Скопје“ на Турски театар и претставата „Артуро Уи“ на Битолскиот театар.

Жири- комисијата која одлучува за наградите е во состав: Љупчо Ѓорѓиевски - режисер, Бесфорт Идризи - актер и театарскиот критичар Сотир Трајков.

Последниот ден на 9-ти јуни, во чест на наградените фестивалот ќе биде затворен со изведбата на претставата „Боливуд“ од Маја Пелевиќ, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Театар Комедија од Скопје.

Во офф- програмата се предвидени трибини и промоции на театарска литература.