Почна исплатата на стечајните работници

11.04.2014 15:03

Дел од стечајните работници од кумановските загубари ги добија решенијата за обештетување. Сумата од 7 илјади и 100 денари донекаде ќе им ја осигура егзистенцијата...

Ова е најсреќниот ден за 70 –тина кумановци на кои им беа врачени решенијата за парично обештетување до пензионирање,  согласно Законот за материјално обезбедување на невработените по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок.

„Благодарна сум  на луѓето што го донесоа овој Закон, што го изгласаа за да ние денска има нешто, после години без плата и без работа.Не знам што друго да кажам освен што сум возбудена и среќна“, изјави 57 годишната Ружица Јакимовска, поранешна вработена во Тутунски комбинат Куманово.

„Имам близу 30 години работен стаж, а од 2006 сум без никакви примиња и беше навистина тешко. Задоволен сум што сега ќе имаме сигурност со средствата кои ќе ги добиваме и ќе бидат доволни за подмирување на основните животни трошоци“, додва нејзиниот колега Часлав Јовановиќ.  

Оваа е првата група која прими решенија, а во тек е обработката на податоци за друга група стечајци. Согласно Законот ќе добиваат  паричен надоместок во висина од 7.100 денари месечно.

„Треба да имаат минимум 25 години работен стаж и да им престанал работниот однос по основ на стечај. Може да работеле после стечајот и во друга фирма, но решението да им било по основ на стечај или паричен надомест или не по своја вина да го изгубиле работното место“, вели Милорад Тренчевски, раководител на Агенцијата за вработување Куманово.

Најголем дел од стечајците опфатени со овој Закон од Куманово се од Тутунски комбинат, Водостопанство во стечај, Наплатен центар на МРТВ, АД Светлина Елем Скопје, Македонски Железници и Рудници Злетово.

 

Габриела Димковиќ