Мицкоски: Поскапувањето на струјата можеше да се спречи
Власта да признае дека капитулира пред енергетската криза, поскапувањето на струјата можеше да се спречи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Имаме рекордна инфлација, на дното сме по странските инвестиции. Од опозициската партија предлагаат да се продолжи мерката за повластена ставка на ДДВ-то до крајот на годината не само за горивата, туку и за останатите прехранбени продукти…

Актуелната состојба не одговара на изјавата на премиерот Ковачевски дека за четири месеци тој направил повеќе отколку некој за четири години, вели лидерот на опозицијата. Имаме рекордна инфлација, на дното сме по странските инвестиции, разурнати ни се сите национални позиции, граѓаните од ден на ден се потешко живеат.
Во фаза сме да капитулираме пред економската, а веќе капитулиравме пред енергетската криза, вели Мицкоски. Според него поскапувањето на струјата можеше да биде пониско доколку акумулациите плански се трошеа, ископите во рудниците беа подготвени а не поплавувани, а ремонтите во целост завршени за подготвени капацитети, истакна Мицкоски.
Што се однесува до ценовниот шок на нафтените деривати, Мицковски вели дека предлагаат да се продолжи мерката за повластена ставка на ДДВ-то до крајот на годината, не само за горивата, туку и за останатите прехранбени продукти за која важеше до почетокот на месецот. Ја повика Владата на наредна седница да ја стави точката за кредитот од Светска банка вреден 63 милиони евра за општините да можат да спроведуваат уште повеќе комунално-инфраструктурни зафати.
Стевче Митревски
