Воен конфликт

Путин го обвини Западот за енергетската криза

04.06.2022 10:05

Рускиот претседател Путин го впери прстот кон Западот за глобалната криза со храната и енергенсите. Москва е подготвена да го гарантира извозот на житарки преку Азовско море, а лидерот на Кремљ му порача и на Киев да го стори истото преку Одеса. Битките на истокот на Украина не запираат...

„Кратковидата политика на европските земји доведе до криза во енергетскиот сектор“, порача рускиот претседател Владимир Путин во интервјуто за државната телевизија на стотиот ден од конфликтот со западниот сосед. Потенцирајќи дека Русија не го блокира извозот од завојуваниот регион, лидерот на Кремљ понуди неколку алтернативни решенија за нормализирање на транспортот, но под услов да се укинат санкциите од Западот и да се отстранат мините од водите.

„Можете да го извезувате од пристаништата кои се под контрола на Украина, првенствено во Црно Море, Одеса и околните пристаништа. Ние не поставивме мини таму, туку Украина. Им реков многу пати на колегите дека треба да се извадат мините и да им се дозволи на бродовите да ги напуштат пристаништата. Ние гарантираме мирен премин во меѓународните води без никакви проблеми. Но наједноставниот начин за извоз е преку Белорусија. Тоа е најлесниот и најевтиниот начин бидејќи оттаму веднаш ќе замине кон пристаништата на Балтичко Море и подалеку, насекаде во светот. Но за ова е потребно да се укинат санкциите за Белорусија“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Најтешките битки и натаму се водат во Донбас. Русите го гранатираат Харков. Според Киев, единиците се групираат околу Славјанск. Властите на Луганск тврдат дека Украинците успеале да вратат 20% од територијата на Северодњецк. Зеленски го охрабрува и убедува украинскиот народ дека ќе победат, а Кремљ нагласи дека операцијата нема да заврши сè додека не бидат исполнети сите цели.

„Во 2014 година, Русија ни пристапи со еден нов збор – „војна“. На 24 февруари, додаде уште еден на овој – „целосна војна“. И секој ден слушавме зборови кои не беа само обични зборови. Тешки зборови. Хостомел, Бородјанка, Харков, Мариупол, Азвостал. А и бројки. Секое утро читавме бројки на загинати. И тоа, веднаш до зборот „деца“. Број на повредени, на гранати, на проектили“, изјави, Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Според Интерпол, дел од оружјето на западните земји кои стигнува во Украина завршува на црниот пазар или во рацете на криминалците. Под лупа на Меѓународните организации се и трговијата со луѓе, украдената нафта и житарките.

Маја С. Филдишев