Зголемен број на инфаркти и мозочни удари поради променливата клима
Климатските промени се одразуваат врз сите живи организми, а посебно врз луѓето. Зголемен е бројот на инфаркти и мозочни удари. Лекарите советуваат почести контроли и редовна терапија

Пет инфаркти за помалку од 24 часа се случија во Штип. Најстариот пациент има 84, а најмладиот 59 години и сите се жени. Пациентките се згрижени на Интерното одделение во штипската клиничка болница и нивната состојба сега е стабилна.
Освен останатите, причина за овие инфаркти е и наглата промена на времето, велат лекарите.
„Наглите промени на температурите се поголем ризик фактор, особено ови ниски температури кои дојдоа после топол период. тешко болните и чувствителни пациенти тешко се адаптираат на ваквите промени“, вели прим. д-р Златко Стојменов, интернист.
Големата температурна разлика особено им пречи на луѓето во поодминати години.
„Јас сум над 55 години и чувствувам проблеми со главата, со притисокот... На топло ладно пука и каменот, исто е и со организмот на луѓето“, велат анкетираните штипјани.
По студениот, за неколку денови ќе претстои топол бран, и нова опасност за пациентите, па затоа лекарите препорачуваат навремени контроли
„Сите оние кои подолг период не биле на контрола, не е лошо сега да ја направат. Ова особено се однесува на луѓето со хронични болести. Тоа треба да го направат заради заштита од понатамошни проблеми“, додава д-р Стојменов.
Заедно со мозочните, срцевите удари се причина на околу 70% од смртта. Годишно во регионот умираат околу 2.200 лица, а од нив околу 1. 500 се жртви на болести поврзани со кардиоваскуларниот систем.
Оливера Жежова
