Кумановска бања: Неуредена, но сè уште атрактивна
Кумановската бања во атарот на Проевце, која според составот на водата се споредува со најпознатите во Европа, со години е запуштена. Бањата доби нов концесионер, кој ја уреди внатрешноста, изгради хотелски комплекс, но добропознатите извори, чекаат на реконструкција. Сепак граѓаните продолжуваат да ја посетуваат...

Сè уште нема интерес за уредување на надалеку прочуената кумановска бања. Приватни концесионери уредија дел од бањата, изградија хотелски комплекс, но добропознатите извори во Проевце чекаат на реконструкција. Неколкупати досега се покренуваше иницијатива за уредување на просторот околу ова природно богатство, поставување на урбана опрема, но сè уште ништо не е реализирано. До дотраените чешми, и реката може да се забележат купишта смет. Сепак, кумановци не се откажуваат од водата, која според составот се споредува со бањите во Франција и Чешка.
Речиси три години доаѓам јас сум од село Пчиња, кај нас е загадена водата и од тука се гледа и самата река. Редовно на 10 дена полнам вода, користиме овие флаши од пет литри-вели еден граѓанин.
Треба да се реновира, водата е одлична, јас ја користам над 10 години. Лековита е не е само за пиење. Треба да се вложи ова може да биде атрактивно, туристичко место, и за реакреација-дополнува друг граѓанин.
Но не само кумановци, геотермалниот извор го посетуваат и граѓани од соседството.
Сум слушнал за бенефитите и доаѓам со години. Порано го користев и отворениот базен. Водата е добра, се препорачува за многу нешта. Но, со години е вакво неуредено. Треба да се подобрат условите-вели еден државјанин на Србија.
Од центарот за јавно здравје Куманово кој постојано врши проверка на водата, посочуваат дека е безбедна за пиење.
Од бања Проевце се испитуваат двата чепа големиот и малиот чеп последните испитувања покажуваат дека се исправни нашите граѓани безбедно можат да ја пијат, нема бактерии, водата е безбедна-нагласи д-р Бедри Велиу, спец. по хигиена, во Центар за јавно здравје Куманово.
Од општината неколкупати досега укажаа дека не можат да инвестираат во имот, кој не е во нивна надлежност. Геотермалниот извор, се наоѓа на само три километри од Куманово. Во него граѓаните наоѓаат лек за стомачни, психички, очни и кожни проблеми, како и полесни форми на шеќерна болест.
Елена Георгиевска
