Туризам

Во Струга недостигаат современи сместувачки капацитети

04.06.2022 12:20

Во струшко недостигаат современи хотелски капацитети. Потребни се зелени еко инвестиции за привлекување и сместување што поголем број туристи. Мал е бројот и на категоризирани луксузни апартмани во приватното сместување во струшко...

Струга во сенка на Охрид. Градот на две води заостанува во туристичкиот развој. Една од причините е тоа што недостигаат сместувачки капацитети. За разлика од охридското, на струшкото крајбрежје има само неколку современи хотелски капацитети и мора да се размислува за инвестиции за привлекување на што повеќе гости.

„Секогаш Струга каснела позади Охрид, тоа е поради тоа што има помали сместувачки капацитети. Да се вложува во дестинацијата, можеби има убави ресторани, но кога се во прашање сместувачките капацитети ги имаме помал број за разлика од охридската ривиера. Се надевам во годините пред нас ќе имаме поголем број вложувања во категоризирани сместувачки капацитети“, вели Љупчо Јаневски директор на АППТ.

Инвестициите во туризмот треба да бидат во склад со заштитата на животната средина и препораките на Унеско. Потребни се еко – зелени хотели.

„Треба да почне циклусот на вложувања во зелената енергија, во зелените ѕвездички од Охрид и од Струга. Новите инвестиции да ни бидат еко, да имаме што повеќе вложувања во зелени работни места и да нудиме одредени форми коишто ќе бидат во природа. Верувам се повеќе и повеќе ќе се случува во иднина“, вели Јаневски.

Мал е бројот и на категоризирани луксузни апартмани во приватното сместување во струшко. Според статистичките податоци Струга лани ја посетиле 63.527 туристи, од кои 49.697 биле домашни, додека бројот на странски туристи бил тројно помал, односно 13.830 туристи.

Соња Рилковска