Почна полагањето на државната матура
15.899 ученици кои завршуваат средно образование се пријавиле да полагаат државна матура. Денеска се полага првиот екстерен испит – мајчин јазик и литература, а од пријавените, 11.071 полагаа македонски јазик, 4.306 албански и 313 турски јазик...

Матурата оваа година се полага исто како минатата, два екстерни, два интерни предмети и проектна активност која е веќе успешно завршена.
Во средното медицинско училиште полагаат 605 ученици.
„Процесот почна навреме, без никакви пречки. Материјалите се дистрибуирани навреме, онака како што налагаат правилата“-рече директорката на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ Маја Салиу.
На 13-ти јуни ќе се полага вториот екстерен испит.
„Учениците ќе можат да бираат меѓу странски јазици, математика, естетика и филозофија“ – вели директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска.
Министерот за образование Јетон Шаќири кажа дека. Бидејќи во април имаше дванаесет денови без настава, на матурата нема да има прашања од овој период.
Тој најави и нова концепција за полагање матура.
„Државниот испитен центар заедно со Министерството за образование ќе очне дебата за да се креира нова концепција со три вида државна матура – гимназиска, стручна и уметничка. Во овој процес ќе бидат вклучени сите чинители како и Унијата на средношколци и универзитетите“ рече министерот.
Резултатите ќе бидат објавени на 12. јуни, а тие што нема да ја положат државната матура ќе имаат втора можност во август.
