Почна меѓународниот натпревар NASA Space Apps Change 2014

11.04.2014 15:22

За поздравување е подготвеноста на младите програмери од нашата земја да си ги измерат силите со нивните колеги од најразвиените земји...

Во Скопје денеска почна меѓународниот натпревар NASA Space Apps Change 2014 на кој млади програмери имаат можност да работат на предизвици зададени од страна на НАСА. Настанот го отвори заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.
 
Во своето обраќање таа истакна дека за поздравување е подготвеноста на младите програмери од нашата земја да си ги измерат силите со нивните колеги од најразвиените земји, а Македонија од ден на ден станува сé поподготвена за вакви предизвици и со тоа сé попочитувана и поатрактивна на меѓународната мапа како плодна почва и расадник на талентирани информатичари.
 
„Владата на Република Македонија е целосно посветена да даде свој придонес во организација на вакви настани и во промоција на успесите на нашите програмери, и во иднина ќе обезбеди и дополнителна финансиска поддршка за организација на вакви и слични натпревари и обуки преку серијата на програми на Министерството за информатичко општество и администрација“, рече Арсовска Томовска.
 
Посакувајќи им на натпреварувачите продуктивна и инспиративна работа во следните 36 часа колку што ќе трае натпреварот, таа рече дека тимската работа е вистинскиот пат до меѓународен успех на нашата земја. 
 
„Најпознатиот орбитален телескоп, Hubble Space, кој беше лансиран од НАСА во 1990 година, ја потврди тероријата дека во универзумот постои мистериозна енергија и сними црвено космичко поместување кое доаѓа од далечните галаксии. Со тоа докажа дека универзумот постојано се шири. Ајде да ја искористиме таа мистериозна енергија и да докажеме дека Универзумот е доволно широк и за нашите идеи, иновации и проекти“, рече Арсовска Томовска.
 
Инаку, учесниците заедно со ментори и експерти ќе имаат можност да работат на задачи зададени од NASA, a натпреварот годинава опфаќа пет теми – летови на човекот во вселената, астероиди, технологја во вселената, роботика и набљудување на земјата. На отворањето на настанот се обрати и Ирена Чаушевска од New Man’s Business Accelerator.