Конференција

Земјите од регионот очекуваат позитивен исход од дијалогот со ЕУ

04.06.2022 18:26

Државите вклучени во процесот на стабилизација и асоцијација од југоисточна Европа очекуваат позитивен исход од партнерството и дијалогот со Европската Унија, бидејќи се работи за регион којшто е дел од Европа, којшто споделува исти вредности со земјите членки на Унијата. Ова беше речено на состанокот на конференцијата на парламентарните комисии на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација којшто денеска се одржа во Охрид...

Нашата држава и Албанија што поскоро треба да ги започнат преговорите за членство со ЕУ, Црна Гора и Србија треба да ги продолжат преговорите, додека Косово треба да добие визна либерализација, а Босна и Херцеговина кандидатски статус. Ова беше речено на денешниот 18 состанок на Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања на земјите вклучени во Процесот на стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа што денеска се одржа во Охрид.

„ЕУ треба да продолжи со своето внимание во регионот и треба да има позитивни одлуки за отворање на европската перспектива на целиот регион, на сите земји коишто припаѓаат на Западен Балкан бидејќи не само географски, туку и историски припаѓаме на европското семејство, споделуваме исти вредности“, изјави Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Р.С. Македонија.

Учесниците на состанокот позитивно ја оценија соработката помеѓу земјите од регионот.

„Разговаравме и за Берлинскиот процес и за Отворен Балкан, но секако дека можам да кажам дека моја перцепција, дека главна оценка е дека има потенцијал уште повеќе да се зајакне таа регионална соработка помеѓу земјите коишто припаѓаат на Западен Балкан“, изјави Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Р.С. Македонија.

Во текот на дискусиите за состојбата во светот учесниците на состанокот ја осудија руската агресија на Украина при што го поддржаа нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

Сашо Нелоски