Недостиг на угостителски кадар во Прилеп
Големиот недостиг од персонал во угостителството, и до 40 насто ги натера прилепските угостители да бараат законски измени да ги вклучат и средношколците. Разговарале со Стопанската комора и со Агенцијата за вработување и се надеваат на решение на моментално најголемиот проблем. Инаку, македонските готвачи, келнери и работници летово сезонски главно заминуваат во Хрватска..

Угостителите од Прилеп бараат законски можности за да ги вклучат и средношколците во работата. Тоа, велат, засега им е единствениот излез за колку-толку да го решат моментално најголемиот проблем-недостигот од работна рака кој стигна и до 40 проценти. Угостителите се снаоѓаат како знаат и умеат, но трпи понудата за гостите.
Од 5.000 до 7.000 Македонци, прво професионални келнери и готвачи, заминаа на сезонска работа во странство. Годинава главна дестинација е Хрватска.
Угостителите велат дека им го нудат максимумот на вработените за да ги задржат.
Угостителството е најпогодено со короната и економската криза. Во Прилеп се 80 угостителски објекти со околу 700 вработени.
Елизабета Митреска
