Човечкиот фактор причина за 99 проценти од пожарите
По покачувањето на температурите чуварите во Националниот парк „Галичица“ будно ја следат состојбата на терен и начинот на однесување на посетителите поради опасност од пожари. Од Националниот парк велат дека соработката со надлежните државни институции не е на потребното ниво заради што делувањето при пожари каков што беше ланскиот е далеку под потребното ниво...

Во изминатите неколку децении 99 проценти од пожарите во Националниот парк „Галичица“ биле предизвикани од човечки фактор. Негрижа или намера на некои лица коишто доаѓаат во паркот се главните причини да избувне пожар, поради што по покачувањето на температурите и зголемениот број на посетители чуварите будно ја следат состојбата на терен.
„Јас ќе ги замолам сите посетители да повелат во паркот, да се дружат, да ја запознаат природата или да уживаат во природата но само на оние места да палат оган или скара на оние места во овој момент каде што ние ги имаме одредено за тоа. А тоа се Јадера, Корита и т.н.“, изјави Наумче Новески, одговорен за превенција и справување со пожари-НП „Галичица“.
Соработката помеѓу надлежните општински и државни институции задолжени за гаснење пожари мора да се подобри, вели Новески, бидејќи лошите одлуки на надлежните државни органи за начинот на делување придонесоа при минатогодишниот пожар тој процес да трае 6-7 дена.
„И толку траеше заради носење од страна на повисоките институции лоши одлуки како да се делува, што да се делува и јас би кажал еден апел вака нека оди да се размислува кој каде ќе е вработен. Значи нас ни требаат стручни лица и многу повеќе да ни веруваат на нас на терен, на тие што се справуваме со пожарите, значи канцелариски стручњаци не ни се потребни“, изјави Наумче Новески, одговорен за превенција и спарување со пожари-НП „Галичица“.
Лошите одлуки се носат поради тоа што недоволно стручните лица сметаат дека пожарите треба униформирано да се гаснат, посочува Новески, а притоа тие лица забораваат дека секој терен има свои специфики, вегетација и други карактеристики.
Сашо Нелоски
