Репортажа

Селото Вишни отсечено од цивилизација

05.06.2022 12:23

Некогаш живо село со над 350 жители, денес пусто со 30-тина пензионери. Тивко и осамено, отсечено од цивилизацијата, ваков е животот во струшко Вишни. Нема ни училиште, ни продавница, ни амбуланта. Го нарекуваат „Света долина“, бидејќи има седум цркви...

Село Вишни, некогаш живо со над 300 жители, денес осамено и тивко, во него живеат само 30-тина пензионери.

Селото се наоѓа во областа Дримкол, струшко, атарот се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната граница со Албанија.

Планинската висорамнина, е богата со многу извори Студенец, Извор, Чешма и други. Името на селото доаѓа од висината на која се наоѓа, 1050 метри надморска височина. Од тука има прекрасен панорамски поглед кон струшкото и охридското поле.

Постарите жители се присетуваат на детскиот џагор, имало продавница, училиште, амбуланта. Објектите останаа неми сведоци на едно убаво време.

- „Живо село беше, весело, преку 300 луѓе имаше сигурно. Јас овде во 1948 учев овде до 6 одделение после се спуштивме Струга“, вели Никола Маркоски жител на село Вишни.

Останаа празни и пусти куќи. Нема ни јавен превоз, за основните намирници жителите патуваат со такси до Струга.

- „Такси 600 денари е одење идење. Катастрофа. За една набавка за леб треба да слезете долу. Да, вели Косто Шеќероски жител на село Вишни.

Селото во минатото имало потенцијал за сточарство, но условите за полјоделство се скромни, затоа отсекогаш било печалбарско село. Денес е потполно отсечено, а патот е во лоша состојба.

- „Патот од кола не може толку да се расипи дупки толкави само од камионите. Ургиравме преку МЗ џабе беше“, вели Шеќероски.

Вишни го нарекуваат „Света Долина“ бидејќи има седум цркви. Спасовден им е селска слава, на која жителите на селото ги пренесуваат моштите на Света Спасица Вишненска во дрвено ковчеже од главната селска црква во пештерната црква. До денес го исполнуваат стариот вековен обичај.

- Свети Танасија главната црква ни е, Света Недела, Света Спаса, Свети Никола, Свети Врачи, сега идат Свети Климент шест, Света Петка седум цркви“, набројува Маркоски.

Природата овде несебично дарувала. Мештаните и бројните посетители велат се исполнети со чувство на мир, убавина и восхит и затоа го нарекуваат „Рајско гнездо“. Денес селото се полни само за празници и викенди.

Соња Рилковска