СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА
Во Соборниот храм во Белград се одржана Света архијерејска литургија, на која служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот македонско-охридски Стефан. Врачена потврдата за автокефалност на Македонската православна црква...

Српскиот патријарх Порфириј денеска во Соборниот храм во Белград, му врачи акт на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, со која ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Порфириј по денешната литургија во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград, кажа дека-Денеска по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православни браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува Томос.
Во документот со кој Српската православна црква (СПЦ) и доделува автокефален статус на Македонската православна црква-Охридската архиепископија се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ како и на дијаспората.
Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, и дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви.
Архиепископот Стефан кажа дека Патријархот Порфириј и Соборот на СПЦ направиле „чекор од историско значење за МПЦ и за целото православие“.
- На дело покажавте колку го сакате мирот и хармонијата меѓу браќата, како и целата православна црква“, рече архиепископот Стефан.
Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Оливер Бранковиќ
