Трибина

ВМРО-ДПМНЕ: Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада

05.06.2022 16:04

„Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“ – трибина на ВМРО-ДПМНЕ од која беа испратени пораки дека треба итно да се преземат мерки пред да се случи економски колапс. Опозициската партија бара да се свика итна седница на којашто ќе бидат ставени законски решенија за излез од кризата..

„Граѓаните не живеат подобро и не купуваат повеќе производи, туку ги купуваат истите производи со повисока цена.“ – констатација на трибината на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека најмногу изненадува тоа што приходите годинава треба да бидат поголеми за 443 милиони евра споредбено со лани и граѓаните и стопанството ќе дадат повеќе на државата само поради ценовните шокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Македонија е во енергетска катаклизма. Според нив, има намалено домашно производство на електрична енергија, капацитети кои се во лоша состојба, а во време на скапа струја кога сите енергетски компании во светот заработуваат, ЕЛЕМ е загубар.

Пратениците повторуваат дека се обиделе во сите овие кризи да понудат решенија и помош преку економски тим од врвни експерти.

Кога на неспособноста, незнаењето и криминалот ќе ја додадете ароганцијата, тоа е дефиниција за СДСМ, заклучок на трибината на ВМРО – ДПМНЕ.

Марија Котовска