Атлетски викенд „Охрид трчат“
Охрид во изминатите три дена го славеше трчањето. Во рамките на атлетскиот викенд „Охрид трчат“ претпладнето се одржа рекреативната и главната трка на дваесет и еден километар во кои беа вклучени илјада и триста учесници. Манифестацијата само за шест години стана препознатлив бренд во регионот и пошироко за што потврда е учеството на натпреварувачи од осумнаесет држави...

Во конкуренција на 330 натпреварувачи од 18 земји победници на главната трка на манифестацијата „Охрид трчат“ се познатите македонски атлетичари Дарио Ивановски и Адријана Попарсова и двајцата државни и балкански прваци во полумаратон. Атлетичарите имаа само пофалби за организацијата и амбиентот долж патеката, а како што рекоа најголем проблем за нив била високата температура.
„Трет пат сум на охридскиот маратон, трета година по ред. Инаку исклучително тешка патека, мислам патека за уживање ама патека којашто не е за бркање време, персонални рекорди и т.н. Имам тука досега подобри времиња извадено меѓутоа денеска беше многу топол денот“, изјави натпреварувач од Скопје.
„Јас сум од Скопје, Димитар Атлетски клуб „Скобул“. Организацијата тука е на одлично ниво, времето малку не нè послужи, претопло е“, изјави натпреварувач од Скопје
„Од Охрид,од тука сум, трчав и лани на маратонот, 5 километри лани истрчав,сега малку предизвик си реков 10 километри, штафета на 21 километар трчавме“, изјави натпреварувач од Охрид.
Спортскиот спектакл кој уште еднаш испрати порака за афирмација на трчањето во светот започна во петокот со ноќна трка, а денеска се одржаа главната трка на 21 километар и рекреативната трка на 5 километри во којашто покрај активните спортисти се вклучија и голем број љубители на трчањето од Охрид и другите македонски градови.
„Навистина е за воодушевување кога станува збор за Охрид и Македонија, меѓутоа секогаш може подобро и ќе се стремиме во таа насока. За нас референците од тркачите се одлични“, изјави Иван Цветкоски од организацискиот одбор на „Охрид трчат“.
„Денеска учествував на трката од 5 километри,се надевам дека, додуша и на претходниот прес кога бевме заедно кажав дека во наредниот период, односно во овој мандат од 4 години ќе ја истрчаме патеката од 21 километар. Ова е манифестација којашто е на ниво на институција во Охрид, носи голем број луѓе коишто го посетуваат овој настан“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
На шестото издание на „Охрид трчат“ учество зедоа 1300 атлетичари и рекреативци,а организаторите очекуваат таа бројка во наредните години да достигне до две илјади.
Сашо Нелоски
