Македонија

Патријархот Порфириј го предаде томосот за автокефалност на Архиепископот Стефан

05.06.2022 17:26

СПЦ денес во Белград официјално ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА со што е потврдена реалноста за автокефалниот статус на возобновената Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква..

Српскиот патријарх Порфириј денеска во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград му врачи Томос на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан, со кој СПЦ официјално ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, или како што кажа во беседата архиепископот Стефан, со Томосот е потврдена реалноста за автокефалниот статус на возобновената Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква.

„Еве и денес додадовте нова радост, радост над сите радости, зошто за она што донеодамна разговаравме и договаравме, за она што нашиот Синод побара, а вашиот Собор архијерејски еднодушно се согласи и прифати, за Вие, ваша светост, на светата литургија во Свети Климентовиот храм во Скопје и го обзнанивте, за сето тоа денес во пишаниот документ во Томосот да потврдивте, дека веќе е реалност автокефалниот статус на возобновената Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква.

Ваша светост, овој документ со кој се решава и признава статусот на црквата во Македонија, не е само документ со кој се отвора нова страница на вековната Охридска црква, туку е документ со кој се потврдува историјата на таа древна црква, и сите нејзини времиња и невремиња“, рече архиепископ Стефан-Поглавар на МПЦ-ОА.

Тој потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на нашата црква.

„Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го поддржат и останатите сестрински православни цркви, а Вие ваша светост направивте чекор со историско значење, како за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие“, рече архиепископ Стефан-Поглавар на МПЦ-ОА.

На денешната архијерејска литургија во Белград служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Стефан, со епископи од двете цркви.

„Денеска по благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православни браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува Томос“, рече Патријарх Порфириј – Поглавар на СПЦ.

Во документот со кој Српската Православна црква и доделува автокефален статус на Македонската Православна црква-Охридската архиепископија се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува нашата црква како и на дијаспората.

Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, и дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви и дека е многу среќен затоа што и Србите и Македонците во Северна Македонија се среќни за автокефалноста на Македонската Православна црква.

Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Оливер Бранковиќ