Британија испраќа проектили со долг дострел во Украина
Велика Британија ќе испрати проектили со долг дострел во Украина. Путин предупредува, ќе има последици доколку се испорачаат ракети со долг дострел. Оружјето што западот го доставува само ќе го продолжи конфликтот. По 100 дена војна, Зеленски вели, Украина ќе победи. На истокот борбите продолжуваат...

Велика Британија најави дека ќе ги испрати своите први проектили со долг дострел во Украина. Министерот за одбрана Валас изјави дека доколку меѓународната заедница продолжи со поддршката, Украина може да победи. Овие високо способни ракетни системи за повеќекратно лансирање, ќе им овозможат на Украинците подобро да се заштитат, истакна Валас. Претседателот на Русија изјави дека ќе има последици доколку на Украина и се испорачаат ракети со долг дострел. Оружјето што западот го доставува само ќе го продолжи конфликто, нагласи Путин.
„Генерално, целата оваа гужва околу дополнителните испораки на оружје, според мене, има само една цел – да го одолговлекува вооружениот конфликт што е можно повеќе. Ако Киев добие ракети со долг дострел, Москва ќе извлече соодветни заклучоци и ќе ги искористи нашите средства за уништување, да ги погоди оние објекти кои сè уште не биле цел“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
На истокот од Украина борбите продолжуваат. Регистрирани ракетни напади врз градови и села во регионот Луганск. Украинската армија тврди дека во борбите загинал и прорускиот генерал Роман Кутузов.
„Русите повторно го гранатираа центарот на градот Лисичанск. Куќите и инфраструктурата се оштетени. Работиме на документирање на нивните криминални дејствија“, изјави офицер од штабот на украинската национална полиција во Луганск.
Објектот за поправка на возила на периферијата на Киев кој беше погоден од руските ракети, и за кој Москва тврдеше дека е воен магацин за складирање на делови од западот, отворен за новинарите.
„Русите нападнаа мирен објект за производство на товарни вагони, половина за транспорт на жито на европскиот пазар. Ги отворивме вратите за сите да видат дека овој објект никогаш не бил користен како воен магацин“, изјави Серхиј Лешченко, советник во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
По 100 дена војна во Украина, претседателот Зеленски рече дека победата ќе биде на нивна страна. Тој го посети Запорожје и се состана со внатрешно раселените украинци. Ова е негова втора јавна посета надвор од Киев по почетокот на војната.
Бојана Крстевски
