Филхармонија

„Звукот на идната генерација“- концерт со студентите од ФМУ

06.06.2022 10:49

Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се дела од Менделсон, Давид, Дебиси, Хачатуријан, Рахмањинов и Брамс. Како солисти ќе настапат Магдалена Кочоска, Виктор Богоевски, Анел Селим, Памела Велкова, Искра Атанасова Митуш, Ивона Базгаловска и Ана Спасовска.

Овој четврток во 20 часот во Филхармонија ќе се одржи концертот насловен „Звукот на идната генерација“ на кој ќе настапат студентите од Факултетот за музичка уметност. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се дела од Менделсон, Давид, Дебиси, Хачатуријан, Рахмањинов и Брамс. Како солисти ќе настапат Магдалена Кочоска, Виктор Богоевски, Анел Селим, Памела Велкова, Искра Атанасова Митуш, Ивона Базгаловска и Ана Спасовска.

Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.

Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа.

Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.