Куманово: Прекуграничен проблем со аерозагадувањето
Инспектори од соседна Србија треба да утврдат дали загадувањето на воздухот во Куманово, доаѓа од фабрика од Прешево. Ова го побарал Државниот инспекторат за животна средина, откако кумановци реагираа дека веќе десетина дена вдишуваат непријатна миризба и чад. Загадувањето кое најмногу се чувствува во Табановце, на граничниот појас на македонско српската граница, но и во централното подрачје на Куманово и населбите, го потврдија и мерните станици.

Прекугранично ќе се решава проблемот со аерозагадувањето во Куманово. Државниот инспекторат за животна средина побарал од српската страна да провери дали фабрика која се наоѓа во близина на Прешево во Република Србија, е извор на загадувањето кое десетина дена се чувствува во Куманово. Општина Куманово, односно инспекторите за животна средина претходно побараа помош од државата, откако граѓани реагираа на непријатна миризба, чад и печење на очите.
„Од страна на државен инспекторат за животна средина е стапено во контакт со овластен министер за инспекциски работи на Република Србија. Во текот на денот треба да се добијат информации од нивна страна ќе бидеме ние правовремено информирани што се случува со таа инсталација“, изјави Бобан Бојковски, овластен инспектор за животна средина при Општина Куманово.
Загадувањето најмногу се чувствува во вечерните и утринските часови.
Мерните станици покажаа енормно зголемување на јаглерод моноксид и азот диоксид поради актуелното загадување. Тоа најмногу се чувствува во Табановце но и во централното подрачје на Куманово и населбите.
Жителите на село Табановце, кое се наоѓа во граничниот појас на македонско – српската граница се сеќаваат дека вакво загадување било забележано и пред три години, но тогаш по реакција на надлежните проблемот бил решен.
„Се чувствува голема непријатна миризба на запалени гуми, прагови, се шири мислам дека доаѓа од српската граница од тој реон и се шири навака. Чад не се гледа меѓутоа надвор не се седи“, вели Игор Томиќ, жител на село Табановце, кумановско.
Загадувањето на воздухот во Куманово го потврдија и мерните станици коишто неодамна ги постави општината. Акредитираната мерна станица на Министерството за животна средина подолг период не функционира. Куманово со години е на листата на градови со најзагаден воздух, обично во текот на зимата.
Елена Георгиевска
