Путин: Ако Киев добие ракети со долг дострел, Москва ќе напаѓа нови мети
Се затегнуваат односите меѓу Русија и западот. Велика Британија ќе испрати проектили со долг дострел во Украина. Путин предупредува – ќе има последици доколку се испорачаат ракети со долг дострел. Оружјето што западот го доставува само ќе го продолжи конфликтот. По 100 дена војна, Зеленски вели – Украина ќе победи. На истокот борбите продолжуваат..

Се затегнуваат односите меѓу Русија и западот. Велика Британија најави дека ќе испрати проектили со долг дострел во Украина, откако Русија за првпат од крајот на април погоди предградија на Киев. Британскиот Министер за одбрана, Валас изјави-доколку меѓународната заедница продолжи со поддршката, Украина би можела да победи. Москва се закани-во случај на испорака на Украина на вакви ракети последиците се неизбежни. Оружјето што западот го доставува ќе го продолжи конфликтот-нагласи Путин.
„Генерално, сиот овој метеж околу дополнителните испораки на оружје, според мене, има само една цел – да го одолговлекува оружениот конфликт што е можно повеќе. Ако Киев добие ракети со долг дострел, Москва ќе извлече соодветни заклучоци и ќе ги искористи нашите средства за уништување, да ги погоди оние објекти коишто сè уште не биле цел“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Путин не одреди со што Москва ќе реагира, ниту пак, што би можело да биде цел на нападите. Новата испорака на ракетни системи „Химарс“, најавија и САД. Турскиот претседател изјави дека Европа реагира панично поради конфликтот во Украина. На конгресот на партијата повторно истакна дека сè додека е на власт никогаш нема да каже „да“ за земјите кои влегуваат во НАТО и го поддржуваат тероризмот.
На истокот од Украина нови бомбардирања. Руски ракети уништија градови и села во регионот Луганск. Напади регистрирани и во Славјанск и Лисичанск. Борбите за Северодоњецк продолжуваат.
„Во изминатите 24 часа беа одбиени седум непријателски напади од правците Доњецк и Луганск, уништени се четири тенкови, три артилериски системи и оклопни борбени возила. Единиците за противвоздушна одбрана соборија борбен хеликоптер и беспилотни летала“, изјави Олександр Штупун, портпарол на вооружените сили на Украина.
„Уништивме над 300 националисти, 10 тенкови, повеќекратни ракетни фрлачи, специјални возила, артилериски пушки и минофрлачи, како и воени складишта“, Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.
По повеќе од 100 дена војна во Украина, претседателот Зеленски рече дека победата ќе биде на нивна страна. Тој го посети Запорожје и се состана со војниците и внатрешно раселените украинци.
„Искажавме поддршка на нашата војска и ги наградивме најдобрите. Го слушнав извештајот. Се сретнавме и со жителите, секое семејство има своја приказна. Вистинските херои се меѓу нас. Горд сум на сите што ги запознав, со кои се ракував и зборував. На сите им посакувам победа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Ова е негова втора јавна посета надвор од Киев од почетокот на војната.
Бојана Крстевски
