Политика

Ковачевски: Македонија е дел од санкциите кон Русија, одлуките на НАТО се и наши одлуки

06.06.2022 15:04

Македонија е дел од санкциите кон Руската Федерација. Одлуките кои се носат во НАТО се и наши одлуки, вели премиерот Ковачевски по забраната на прелетот на авионот на рускиот шеф на дипломатијата Лавров. Од руската Дума порака- на ваквиот потег на соседите на Србија мора остро да одговориме. Лавров требаше да стаса во Белград на средба со Вучиќ...

Македонија, Црна Гора и Бугарија му го сменија планот на Лавров. Трите држави одбија да го пропуштат својот воздушен простор авионот на рускиот дипломат кој се упатил кон Белград на средба со српскиот претседател Вучиќ. Според официјалниот претставник на МНР, Марија Захарова, на овој начин овие три земји затвориле уште еден канал за комуникација. Премиерот Ковачевски вели – одлуката е донесена од поодамна и нема никаква новина за конкретниот лет.

По одлуката на трите држави, Вучиќ бил принуден лично да се справи со логистиката на посетата на рускиот министер. Но, ваквиот однос на овие балкански држави не остана без одговор од руска страна.

„Западот јасно става до знаење дека нема дилеми да користи какви било несоодветни методи за одржување на притисок. Правото да го градат светот по сопствени шаблони. Генерално, на една суверена држава и е одземено правото да води сопствена надворешна политика. Меѓународните активности на Србија се блокирани, барем на рускиот пат“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Лавров на прес-конференцијата потенцираше дека и покрај тоа главната работа е што никој нема да може да ги наруши односите со Србија, како и дека НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој проект наречен „затворен Балкан“.

Катерина Топалова