Џонсон ќе се соочи со гласање за доверба
Иницијативата е поднесена од 54 пратеници, но за да биде сменет од функцијата ќе бидат потребни гласови од најмалку 180. Џонсон се најде под лупата на колегите и јавноста поради непочитување на ковид-мерките и аферата „Партигејт“ – забавите за време на пандемијата за која плати и парична казна...

Британските конзервативци гласаат за доверба на премиерот Борис Џонсон. Иницијативата е поднесена од 54 пратеници, но за да биде сменет од функцијата ќе бидат потребни гласови од најмалку 180. Џонсон се најде под лупата на колегите и јавноста поради непочитување на ковид-мерките и аферата „Партигејт“ – забавите за време на пандемијата за која плати и парична казна. Иако се извини за престапот, тој одбиваше да даде оставка. Голем процент од конзервативците веќе се сомневаат во неговиот капацитет за успешно справување со рецесијата, поскапувања и другите сериозни предизвици.
„Надминат е прагот од 15% од парламентарната партија која бара гласање доверба, па процесот ќе се спроведе според правилата од комитетот 19-22. Комунициравме со премиерот и тој се согласи дека треба да се гласа што е можно побрзо“, изјави Сер Греам Брејди, претседател на комитетот 1922.
„Пред сè, лојален сум им на земјата и на изборните единици. Во Британија не се гласа за претседател или премиер. Премиерот е лидер на партијата со најмногу пратеници по општите избори. Останува на функција додека ја има нивната доверба. Уште во јануари бев јасен дека треба да си поднесе оставка. Јасно беше дека аферата „Партигејт“ ќе се развива“, рече Ендрју Бриџен, пратеник.
Независната партија на Обединетото Кралство им прогнозира фијаско како во 1997 година кога беа поразени од лабуристите на Тони Блер.
„Џонсон беше вистинскиот човек за 2019 година, но не и за сега“, порача нивниот лидер Најџел Фараџ.
Дел од министрите во владата со спротивен став. Од гласањето не очекуваат драстична промена.
„За секој избор мора да има соодветна и ефективна кампања. Оптимист сум за резултатот, но мора да ги охрабрите луѓето да излезат да гласаат. Јас би го потенцирал неговиот мандат и успехот како лидер. Мислам дека без него немаше да имаме Брегзит“, изјави Џејкоб Рис Мог, британски министер за потенцијалите на Брегзит.
Од премиерскиот кабинет ја поздравија иницијативата која ја сметаат за шанса да им се стави крај на шпекулациите. Портпаролот на Џонсон порача – и покрај ова, премиерот нема да биде дефокусиран од клучните прашања за Обединетото Кралство и светот. Ако добие доверба, една година нема да минува низ истиот процес.
Маја С. Филдишев
