Криза

Битиќи: Ќе биде објавен список на компании кои енормно ги зголемија маржите

06.06.2022 15:51

Битиќи останува на ставот дека е направено вештачко зголемување на одредени производи, а како пример посочува тестенина за која маржата на добивка за два дена скокнала од 4 на 72,5 проценти.

Цените на производите вртоглаво вештачки се зголемени. Инспекциските служби работат на терен да ги откријат, а потоа ќе биде објавен список на компаниите кои енормно ги зголемија маржите на добивка, изјави денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Битиќи останува на ставот дека е направено вештачко зголемување на одредени производи, а како пример посочува тестенина за која маржата на добивка за два дена скокнала од 4 на 72,5 проценти.

Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на фабриката „Таб мак“ во Пробиштип.